top of page
Search
  • zkostadinovska4

Рудник САСА продолжува со стипендирање на студенти по рударство и геологија на државниот универзитет во Штип

Рудникот за олово и цинк САСА ја продолжува својата долгогодишна соработка со Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во рамки на оваа соработка, оваа година САСА, преку својата Фондација за поддршка на одржливиот развој, им понуди стипендии на сите запишани студенти во прва година во учебната 2023/2024 година на студиите по рударство и геологија на овој факултет.



При официјалното потпишување на договорите со новите стипендисти на САСА, беше остварена и заедничка средба со деканот на Факултетот за природни и технички науки, на која беше разговарано за резултатите од досегашната, како и за продолжување на поддршката на САСА за студентите од оваа високо-образовна институција. 


„Со особено задоволство ја продолжуваме соработката со Факултетот за природни и технички науки, при што за нас посебно значајна е програмата за стипендирање на студентите на овој факултет. Со неа сакаме да ги поттикнеме младите луѓе да изберат да ги изучуваат техничките науки кои ќе им обезбедат цврста основа за иден кариерен развој во нашата индустрија. Истовремено, се надеваме дека ваквата наша поддршка ќе претставува дополнителен мотив за младите луѓе, наместо да заминуваат во странство, сопствената иднина да ја градат овде, во својата локална заедница и својата татковина“, изјави директорот на Фондација САСА, Ивица Талевски.



Покрај финансиската поддршка, во текот на студирањето САСА им овозможува на своите стипендисти одблизу да се запознаат со начинот на работа и функционирање на еден современ и одговорен рудник. Оние пак што ќе покажат најдобри резултати во текот на студирањето добиваат дополнителни поени при аплицирање за вработување во САСА.


„Благодарение на своите постојани иновации и инвестиции во најсовремена опрема, технологија и практики, рудникот САСА нуди одлични можности за младите луѓе кои сакаат да ги градат своите професионални вештини и својата кариера во индустријата. Препознавајќи го ваквиот потенцијал, за нас како високо-образовна и научна институција, соработката со САСА ни е особено значајна. Преку таквата соработка им овозможуваме на нашите студенти, уште во текот на студирањето, директно да стекнат значајно практично знаење и да ги осознаат сите важни аспекти од професијата што ја одбрале. Особено значаен дел од таа соработка се стипендиите што ги обезбедува САСА за нашите студенти кои им помагаат и дополнително ги мотивираат да се стремат кон најдобрите академски достигнувања во областа“, вели проф. д-р Ѓорѓи Димов - Декан на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.

33 views0 comments

Comments


bottom of page